Skip to main content
Македонија

ССМ со повик за масовен протест на 14 март: Платите мора да се зголемат

11/03/2026  11:43

Сите членови на Сојузот на синдикатите на Македонија, работниците, членовите и на другите синдикати чии лидери не се борат за вашите плати, да ни се придружите во сабота во 12 часот и 5 минути од пред Работничкиот дом за да упатиме нова порака дека платите, минималната плата, мора да се зголемат на сите, повика денеска на прес-конференција претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој истакна дека работниците мора сами да се борат за своите примања, бидејќи, како што рече, другите нема да се борат наместо нив. Според него, платата што работниците ја добиваат е резултат на нивниот труд, пот и мака, а не подарок од работодавачите.

Трендафилов оцени дека предложеното усогласување на минималната плата од 1.667 денари е недоволно во услови на постојан раст на трошоците за живот. Како аргумент го наведе и зголемувањето на вредноста на синдикалната минимална кошничка за 2.000 денари во само два месеца.

– Тие сметаат дека работниците се задоволни со ништо или со ронки, наспроти луксузот кој им го овозможувате, рече Трендафилов, повикувајќи ги сите работници, вклучително и членовите на други синдикати, да се приклучат на протестот.

Трендафилов посочи дека околу 160.000 работници во земјава, според податоците на Управата за јавни приходи, живеат со плата под прагот на сиромаштијата, што, како што рече, дополнително ја потврдува потребата од итно зголемување на минималната и останатите плати.

Во однос на последната седница на Економско-социјалниот совет, Трендафилов информираше дека ССМ ја напуштил седницата поради обидот минималната плата да се усогласи само за 1.667 денари.

– Имаме одлука да бараме 600 евра минимална плата и најмалку 6.000 денари зголемување на сите останати работнички плати,  изјави тој. По напуштањето на ССМ, седницата останала без кворум, поради што не можела да се донесе никаква одлука.

Трендафилов додаде дека согласно законот, за утврдување на минималната плата е потребно мислење од Економско-социјалниот совет, во кој мора да бидат присутни сите репрезентативни организации на работниците и работодавачите.

– Сметаме дека во март мора да се зголеми минималната плата. Тие не ја даваат, ние ја заработуваме, порача Трендафилов, повторувајќи го повикот за масовна излезност на протестот во сабота.

Протестот во сабота ќе започне во 12:05 пред ССМ, ќе продолжи пред Собранието, потоа пред Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.