Skip to main content
Македонија

По трагедијата во Карпош: Дали училиштето можело да ја заштити Катја?

10/03/2026  23:17

Државниот просветен инспекторат најави дека ќе изврши вонреден инспекциски надзор во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската општина Центар, каде што учела шестгодишната Катја, која загина при пад од зграда заедно со нејзината мајка Ивана Јовановски. Трагедијата се случи по долгогодишно физичко и психичко малтретирање од страна на сопругот и татко на девојчето, Стојанче Јовановски, кој во моментов е во притвор пишува Слободен печат

Од Инспекторатот за „Слободен печат“ потврдија дека училиштата, согласно Законот за спречување и заштита од семејно насилство, имаат свои обврски и одговорности во вакви случаи.

Новинарите се обратиле до директорката на училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ со прашања дали стручните служби во училиштето постапиле со должно внимание во случајот со ученичката Катја Јовановски и дали претходно било пријавено или алармирано за евентуално семејно насилство.

Од училиштето одговориле дека за сите преземени активности и мерки, согласно законските обврски, биле известени надлежните институции, но дека поради чувствителноста на случајот не можат да споделуваат дополнителни информации.

Во меѓувреме, од Јавното обвинителство информираат дека истрагата за трагичниот настан е во тек и дека во оваа фаза не можат да откриваат детали за доказите кои се прибираат.

Од Државниот просветен инспекторат посочуваат дека досега не добиле официјална информација за случајот, но дека по новинарското обраќање ќе спроведат вонреден надзор во училиштето.

Според информациите, истиот ден кога се случила трагедијата, Ивана Јовановски повикала полиција и пријавила семејно насилство од сопругот Стојанче Јовановски. Тој во моментов е осомничен за наведување и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.

Пред трагичниот пад од зграда, се случиле неколку инциденти. Според пријавите, Стојанче Јовановски најпрво ѝ се заканувал и ја удирал Ивана во близина на нејзиното работно место. Подоцна, додека со автомобил управуван од пријател се движеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие, со што предизвикал чувство на страв и несигурност кај неа. Во близина на судот, според информациите, физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди, хематоми по главата и телото.