
Турција е загрижена за судирот меѓу САД и Иран кој би можел да прерасне во поширока регионална војна. Анкара се обидува да посредува во конфликтот, но истовремено е загрижена за економските последици, курдското прашање и можен нов бран бегалци, пренесува „Индекс“.
Турција традиционално се позиционира како посредник меѓу Истокот и Западот, одржувајќи односи и со Европската Унија и со блискоисточните држави. Во спорот меѓу САД и Иран, Анкара повеќепати се обидела да посредува, но без успех, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан. Фидан истакна дека веднаш го информирал претседателот Реџеп Таип Ердоган за развојот на настаните. „Тоа беа мрачни моменти, секоја минута очекувавме војна или прв напад“, изјави Фидан.
Турција е загрижена дека конфликтот со Иран би можел да донесе сериозни хуманитарни, економски и политички последици, вклучително инфлација, проблеми во снабдувањето со енергенси, пад на туризмот и можен нов судир со курдските групи. Како членка на НАТО, Турција засега се обидува да остане неутрална, а Иран досега не нападнал бази или радарски системи на НАТО. Анкара ги засилува дипломатските контакти со САД, Европската Унија и земјите од Заливот, но преговорите засега не напредуваат.
Дополнителна загриженост предизвикуваат и шпекулациите во медиумите за можен ангажман на курдски сили во Иран.


