
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со министерот за здравство Азир Алиу, го потпишале договорот за закуп. Со потпишувањето на овој договор започнува реализација на проектот за проширување на паркинг просторот на Клиничкиот центар ,,Мајка Тереза”.
„Со изградбата на две нови катни гаражи, за почеток, со капацитет од околу 500 паркинг места и инвестиција вредна 3 милиони евра, конечно ќе ставиме крај на долгогодишната голгота со која секојдневно се соочуваат пациентите, нивните семејства, но и здравствените работници. Истовремено, ова решение ќе биде значајна поддршка и за студентите по медицина – нашите идни доктори, кои секојдневно се дел од клиничкиот комплекс и ја градат својата професионална иднина токму тука“, истакна градоначалникот.
Тој воедно посочи дека ова е трајно решение што ќе значи достоинствен пристап до здравствените установи, помалку нервози и изгубено време за луѓето кои доаѓаат тука во најтешките моменти од својот живот.
„Со изградбата на овие катни гаражи, Клиничкиот центар конечно ќе добие подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот. Особено е важно што Градот Скопје ќе биде институцијата која ќе ги проектира, ќе ги изведува и ќе управува со овие гаражи. Тоа значи дека граѓаните нема да бидат изложени на дополнителни поскапувања на цените за паркинг, какви што се случуваат кога вакви капацитети се оставаат во рацете на приватни компании“, додаде Ѓорѓиевски .
Според него со реализацијата на овој проект, започнувала и имплементацијата на една од најважните точки од неговата програма – дигиталното зонско паркирање.
„За првпат во Скопје ќе воведеме интегрирана мобилна апликација преку која граѓаните ќе имаат реален онлајн увид во слободните паркинг места, со прецизна локација на секое слободно место. Тоа ќе значи поголема ефикасност, помал метеж и многу помалку изгубено време во барање паркинг. Веднаш по ребалансот на Буџетот, кој ќе се случи наредната недела, ќе биде распишана тендерската постапка, а веднаш по завршувањето на законските процедури ќе започнат и работите на терен. Целта е брзо, ефикасно и одговорно да го реализираме овој проект кој ќе донесе вистинско олеснување за илјадници луѓе секој ден“, објаснува градоначалникот на Скопје.
Овој важен инфраструктурен зафат, Ѓорѓиевски вели дека го реализираат во координација со премиерот Христијан Мицкоски и со целосна поддршка од Владата, а токму ова го оцени како доказ дека кога институциите работат заедно, со јасна визија и искрена намера, резултатите не изостануваат.


