
Четиригодишно девојче вчера вечер било нападнато од куче. Според информациите на локалните медиуми, станува збор за бездомно куче, без познат сопственик.

За повреденото девојче на Фејсбук помош побара вујкото на девојчето.
„Ве молам за помош, ако некој го знае бројот на шинтерската служба Битола, денес во дворот влезе куче скитник и ми го нападна внучето, 4 годишно“ напиша на Фејсбук Бајрамов.
Од Прифатилиштето „Хачико“ коешто работи во рамки на Јавното претпријатие „Комуналец“ информираат дека по добиената пријава за каснување, шинтерската служба веднаш излеглае на терен и кучето е заловено во напуштен објект во близина на местото на настанот.
„Станува збор за куче-мешавина од кангал, односно напуштено сопственичко куче за кое сопственикот не е познат. Кучето е транспортирано во прифатилиште, каде ќе биде ставено под ветеринарен надзор и опсервација согласно предвидените процедури. Случајот е пријавен во АХВ и МВР, а надлежните институции ќе постапуваат согласно законските надлежности“ информираат од „Хачико“.

