
Вуле Младеновиќ повеќе не е вршител на должност претседател на Општинската организација на СДСМ во Неготино. Тој одлуката за повлекување ја соопшти преку објава на социјалните мрежи, наведувајќи дека причините се од лична и професионална природа.
Во своето обраќање, Младеновиќ истакна дека поради сериозни работни ангажмани не бил во можност целосно да се посвети на функцијата, која, како што нагласи, бара постојана и целосна ангажираност.
„Оваа позиција бара 24-часовна посветеност. Чувствувам морална одговорност бидејќи не успеав да го дадам максимумот што функцијата го бара, па затоа сметам дека е чесно да се повлечам и да му отстапам место на некој што ќе може целосно да ѝ се посвети на организацијата“, наведе Младеновиќ.
Тој посочи дека и покрај повлекувањето од партиската функција, останува активен во политичкиот живот. Младеновиќ ќе продолжи да делува како член на Советот на Општина Неготино, каде што, како што истакна, ќе продолжи да ги застапува интересите на граѓаните.
Во пораката упати благодарност до соработниците, членовите и активистите за довербата и поддршката во изминатиот период, изразувајќи уверување дека СДСМ ќе излезе посилна и пообединета во периодот што следи.

