Skip to main content
Македонија

Миноски: Кризите на Блискиот Исток директно влијаат врз цените, инфлацијата и животниот стандард

04/03/2026  20:44

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски предупредува дека геополитичките тензии на Блискиот и Средниот Исток имаат директно влијание врз светската економија, а со тоа и врз животниот стандард на граѓаните ширум светот.

Во објава на социјалните мрежи, Миноски посочува дека регионот има огромно значење за глобалниот енергетски пазар, бидејќи располага со најголем дел од светските резерви на нафта, а преку него минува и најголемиот дел од светската трговија со нафта, гас и нафтени деривати.

Според него, земји како Саудиска Арабија, Ирак, Иран, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин заедно учествуваат со околу една третина од светското производство на нафта, додека само Саудиска Арабија има удел од приближно 12 проценти во глобалното производство.

Миноски нагласува дека геополитичките тензии создаваат сериозен ризик од прекин на снабдувањето или ограничување на клучните транзитни рути, што особено ја погодува европската економија која во голема мера зависи од увоз на фосилни горива.

Како пример го наведува Хормускиот теснец – клучен морски премин низ кој минува околу 20 проценти од светската трговија со нафта по морски пат. Преку него се транспортира нафта од Саудиска Арабија, Ирак, Иран, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати кон светските пазари.

Дополнително значење има и теснецот Баб ел-Мандеб кај Јемен, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан. Овој морски коридор е еден од најважните во светската трговија, бидејќи низ него минува значителен дел од транспортот на нафта, течен природен гас и бродскиот сообраќај кон и од Суецкиот канал.

Миноски потенцира дека секоја безбедносна криза во овие региони веднаш се одразува врз цените на енергенсите и глобалните синџири на снабдување. Во такви ситуации, пазарите реагираат со раст на цената на нафтата, повисоки транспортни и производствени трошоци, нарушување на трговските рути и дополнителен инфлациски притисок.

Како последица на тоа, најсилен удар трпат домаќинствата со фиксни и пониски приходи, чија куповна моќ се намалува поради растот на цените.

„Глобалните кризи не се далечни вести. Без проактивна економска политика, фискална дисциплина и подготвеност за шокови, глобалните проблеми многу лесно стануваат локален проблем – и секојдневна сиромаштија“, порачува Миноски во својата објава.