
Со 71 глас „за“, 11 „против“ и без воздржани, Собранието денеска ги избра Адмир Шабани за заменик-министер за одбрана и Дритон Сулејмани за заменик-министер за образование и наука.
Пред гласањето, на собраниската говорница се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека овие кадровски решенија се дел од поширок процес на зајакнување на институциите, враќање на довербата во државата и градење систем што ќе работи во интерес на граѓаните.
Зборувајќи за новоизбраниот заменик-министер за одбрана, Мицкоски нагласи дека во време на сериозни безбедносни предизвици државата мора да има силни и професионални институции.
„Нашата армија е гордост на државата и симбол на стабилноста, професионализмот и нашата евроатланска определба. Затоа е важно во Министерството за одбрана да работат луѓе кои ќе придонесат во модернизацијата на одбранбениот систем, зајакнување на институционалните капацитети и продлабочување на соработката со сојузниците. Убеден сум дека Адмир Шабани ќе даде значаен придонес во таа мисија“, изјави премиерот.
Во однос на Дритон Сулејмани, кој ќе ја извршува функцијата заменик-министер за образование и наука, Мицкоски изрази уверување дека со својата работа ќе придонесе за подобрување на образовниот систем и спроведување на реформите.
„Нашата цел е јасна образование кое создава знаење, развива критичко размислување и ги подготвува младите за современиот свет, со што Македонија ќе стане поконкурентна и поразвиена држава“, рече премиерот.
Изборот на нов заменик-министер во Министерството за образование и наука доаѓа откако досегашниот заменик, Лулзим Алиу, во јануари годинава поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради лични причини.
Во Министерството за одбрана, пак, функцијата заменик-министер беше испразнета речиси една година, откако во мај минатата година Елфет Исмаили од Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, поднесе оставка по одлуката партијата да ја напушти власта и да премине во опозиција.

