
Унгарија ја запре одлуката на Европската Унија за усвојување на 20-тиот пакет санкции против Русија, како и предлогот за одобрување „воен заем“ од 90 милијарди евра за Украина. Причината, според Будимпешта, е блокираниот транзит на нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, по состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија во Брисел изјави дека Унгарија нема да даде поддршка за финансискиот пакет за Киев.
„Недвосмислено посочив дека нема да прифатиме одобрување заем од 90 милијарди евра за Украина, особено во услови кога сме изложени на притисоци. Постигнат е договор меѓу Киев и Брисел, а во него е вклучена и унгарската опозиција, со што се доведува во прашање енергетската безбедност на нашата земја“, изјави Сијарто на прес-конференција со унгарски новинари.
Тој додаде дека од истите причини Будимпешта го блокирала и новиот, 20-ти пакет санкции против Москва, кој европските лидери планирале да го усвојат до 24 февруари. Според него, во моменталната ситуација нема да има ниту санкции, ниту финансиска поддршка за Украина.
Како што нагласи, клучниот услов за промена на унгарската позиција е обновување на испораките на нафта за Унгарија преку украинската територија и непречено функционирање на нафтоводот „Дружба“.

