
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во телевизиско гостување објави дека Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција против 10 лица, за кои постојат основани сомненија дека се поврзани со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога по член 215 од Кривичниот законик.
Двајца од осомничените веќе се во 48-часовен притвор, а истрагата што ја води МВР во координација со Обвинителството е поврзана и со дрогата пронајдена во соседна Србија, за која постојат индиции дека потекнува од производствени капацитети за т.н. медицински канабис во државава.
Министерот Тошковски во гостување во емисијата „Клик Плус” истакна дека кривичната пријава е резултат на обемна истрага и преземени активности во изминатиот период.„Во оваа фаза од истрагата е поднесена кривична пријава за 10 лица за кои имаме основано сомнение дека се директно или индиректно поврзани со нелегално производство и пуштање во промет на произведената дрога”, посочи министерот Тошковски.
Во рамки на контролите спроведени во производствени капацитети низ државата, одземени се околу 40 тони марихуана, за која надлежна комисија констатирала дека не била третирана согласно законските прописи.„Индициите што ги имавме за нелегално производство, третман и чување се покажаа како точни и затекнатата дрога, за која е утврдено дека не е третирана согласно закон, е одземена”, нагласи Тошковски.
Тој потенцираше дека контролите покажале оти дел од компаниите работеле целосно законски и професионално, но кај дел се утврдени сериозни незаконитости, поради што марихуаната е одземена.
„Се поставува прашањето каде ќе завршеле тие 40 тони дрога доколку не ги одземевме”, истакна министерот.

