Skip to main content
Свет

Орбан до Зеленски: Членството во ЕУ не се добива со ултиматуми

12/02/2026  19:33

Унгарскиот премиер Виктор Орбан преку социјалната мрежа „Икс“ испрати остри пораки до украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи дека проширувањето на Европската Унија го одредуваат земјите членки, а не кандидатите.

Реакцијата на Орбан доаѓа откако Зеленски побара Украина да биде технички подготвена за членство до 2027 година и да добие јасен рок за приклучување. Унгарскиот лидер му порача дека пристапниот процес се темели на исполнување критериуми, а не на политички притисоци.

Тој предупреди дека евентуалното зачленување на Украина, според него, носи безбедносни ризици и може дополнително да ја вовлече Унијата во војната. Будимпешта останува на ставот дека нема да поддржи финансирање и вооружување на Киев со европски средства и дека приоритет треба да бидат интересите на граѓаните на ЕУ.

Пред самитот во Брисел, Орбан повтори дека решението го гледа во итен мир, оценувајќи дека војната ја оптоварува европската економија и ги троши ресурсите што треба да останат во земјите членки.