Skip to main content
Скопје

Возачите на ЈСП ќе си ја плаќаат казната ако поминат на црвено

05/02/2026  17:04

Околу 150 црни точки ќе бидат обележани за поголема безбедност во сообраќајот на улиците, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски .

– Ние имаме речиси 150 критични или т.н. црни точки, кои се веќе детектирани. Имавме состанок со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и во наредниот период ќе почнеме со еден процес, синхронизирана активност, сите заеднички да се доведеме до состојба да работиме на отстанување на овие 150 црни точки, во кои спаѓаат и оние со непоставени знаци, светлосна сигнализација и друго. Веќе најавив дека за „Улици и патишта“ оваа година предвидуваме сериозни средства поврзани со паметен зелен бран – одговори Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека добро е што е направена измена во законот во однос на поставување на таканаречените лежечки полицајци. Сега имало можност да се дејствува и во тој дел.

– Да сумирам, во наредниот период ќе има опсежни активности во координација со Министерството за внатрешни работи, некаде ќе се приклучи и Министерството за транспорт, но, пред сè, водач во целата активност ќе бидат Град Скопје и Јавното претпријатие за улици и патишта. Агендата ни е сто и педесетина критични или т.н црни точки во главниот град да бидат обезбедени за да влијаеме за што помалку сообраќајни незгоди и, не дај боже, смртни случаи – истакна Ѓорѓиевски.

На новинарско прашање доколку возач на автобус од ЈСП надмине брзина или помине на црвено, кој ќе ја плати казната, Ѓорѓиевски рече дека одговорноста ја сноси лицето што управувало со возилото.

– И во Град Скопје и во сите јавни претпријатија, одговорноста е, пред сè, кај тој што го управува возилото. Целиот трошок ќе биде на сметката на тој што направил прекршок. Онаму каде што нема да може да се утврди кој е тој што го возел возилото – дали е тоа механизација или лесно патничко возило и така натаму, одговорноста оди кај шефот на возниот парк, односно оној што е овластен за да раководи со возилата. Во наредниот период ќе биде спроведена постапка по принципот на модерните претпријатија во светот, во Европа, како што тие функционираат, со ГПС-навигација, уреди, но и отчитувачи со картичка за возилото да не може да функционира доколку не се регистрира возачот, а и ние точно да знаеме која е трасата на движење. Но ќе бидат поставени затоа што не можам со сигурност да потврдам – има други служби што го потврдуваат тоа дека во минатото вршеле и злоупотреби во однос на горивото. Ќе бидат поставени испецијални мерачи, при што да покаже и еден литар поголема потрошувачка, дали е на патничко или е возило на тешка механизација, веднаш ќе се алармира во системот и ќе се прави проверка дали е до дефект или е за потенцијална злоупотреба на возилото – одговори градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.