

Општина Центар ангажира 24 лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите”. Од оваа година, месечниот надоместок за нивниот ангажман се зголемува од 15.000 на 18.000 денари.
Личните асистенти работат 20 часа неделно и им помагаат на учениците полесно да се приспособат на училишната средина и да учествуваат во образовниот процес.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека инклузивното образование не смее да остане само на декларативни заложби, туку мора да се поткрепи со конкретна поддршка за децата на кои им е потребна. Тој нагласи дека, додека Министерството за образование се соочува со проблемот со недостигот од образовни асистенти, Центар продолжува самостојно, од сопствен буџет да вложува средства и обезбедува поддршка за учениците.
„Не е доволно власта да зборува за инклузивно образование ако на терен сè уште има недостиг од стручни лица во оваа област Поддршката мора да биде реална, достапна и континуирана. Ние сме единствена општина што самостојно, од сопствениот буџет, го спроведува проектот „Образование за сите”. Не чекаме проблемите да се решат сами, туку преземаме конкретни чекори за учениците да ја добијат потребната поддршка. Годинава го зголемуваме и надоместокот за личните асистенти затоа што го цениме нивниот ангажман и значењето што го имаат за децата, родителите и наставниците”, порача Герасимовски.

