Skip to main content
Свет

„Телеграф“: Русија преку измама регрутира илјадници Африканци за војната во Украина

26/01/2026  20:49

Руските власти користат лажни агенции за вработување и нетранспарентни миграциски мрежи за да привлечат странски државјани во војната против Украина, тврди британскиот весник „Телеграф“. Според извештајот, голем дел од овие регрути гинат во првите 72 часа по пристигнувањето на фронтот поради недостиг на воена обука.

Британското издание наведува дека до крајот на 2025 година, Русија врбувала околу 18.000 граѓани од 128 држави од Африка, Азија и Латинска Америка. Од нив, најмалку 3.300 се потврдени како загинати во борбените дејствија.

Податоците покажуваат дека од 10.000 заробени руски војници во Украина, околу седум отсто се странци. Повеќето од нив сведочат дека им била ветена цивилна работа како обезбедување или готвачи, но по пристигнувањето во Русија биле принудени да потпишат документи на руски јазик, по што им биле конфискувани пасошите и биле испратени во првите борбени линии.

Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI) посочува дека методите на руските регрутери наликуваат на шеми за трговија со луѓе. Во Африка често се користат локални посредници и туристички агенции, како и ќелиите на приватната воена компанија „Вагнер“ во Мали и Централноафриканската Република. Истражувачите нагласуваат дека Русија свесно ја користи сиромаштијата и недостигот на алтернативи во овие земји.

Визуелните докази од фронтот, вклучувајќи снимки од дронови, потврдуваат се поголемо присуство на борци од африканско потекло, кои во руските воени кругови често се третираат како „потрошен материјал“.

Неколку држави, вклучувајќи ги Јужна Африка и Кенија, веќе ги предупредија своите граѓани за опасностите од ваквите измами, а најмалку четири држави побараа од Русија итно да ги врати нивните државјани дома.