Skip to main content
Македонија

Кој ја уништува државата? Политичарите – или ние?

26/01/2026  12:58

Пишува Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Најлесно е да се каже: политичарите ја уништуваат државата.
И во тоа има вистина. Но не и целосната.

Затоа што политичарите не паднаа од небо. Тие излегоа од нашите семејства, нашите маала, нашите училишта, нашите работни места. Тие се производ на истата средина во која сите живееме. И ако сме искрени до крај, мора да ја изговориме најнепријатната, но и најточната реченица:

Не ни пропаѓа државата затоа што имаме лоши политичари. Имаме лоши политичари затоа што предолго прифаќавме да бидеме лошо општество.

Триесет и повеќе години транзиција ги потрошивме не во градење силни институции, туку во чекање „нашите да дојдат на власт”. Наместо да градиме систем, градевме навивачка култура. Наместо да создаваме одговорни граѓани, создававме лојални гласачи. Наместо да бараме правила што важат за сите, баравме исклучоци за себе.

Секој има своја мала, но значајна приказна: „Не го пријавив неправилното, да не си направам проблем.” или „Го вработија преку партија, ама барем е наше дете.” или  „Сите крадат, барем овие нешто и за нас да направат.” или  „Ќути, добро е додека не те чепкаат.”
и така натаму – со бескрајни оправдувања.

Од овие мали компромиси со совеста се создава големиот распад на државата.

Години наназад се однесуваме како публика, не како граѓани. Навиваме за партии како за фудбалски клубови. Ги браниме „нашите” дури и кога знаеме дека грешат. Ги оправдуваме дури и кога крадат. И потоа, разочарани, ги заменуваме со други – но со истата логика, истите очекувања и истата слепа лојалност.

Додека граѓанинот не престане да биде навивач и не стане контролор на власта, ќе менуваме партии – но никогаш систем.

Системот не се менува со ново лого на Владата. Се менува со нов однос на граѓанинот кон државата.

Вистинската демократија не е право да гласаш еднаш на четири години и потоа да молчиш. Вистинската демократија е секојдневна непријатност за власта: прашања, притисок, критика, барање отчет. Таа започнува кога граѓанинот ќе каже:
„Не ме интересира која партија си – ме интересира дали си чесен и дали си ја завршуваш работата.”

Но постои уште еден, подлабок проблем што тивко нè разјадува: немаме заедничка цел како општество.

Живееме во иста држава, а често како да живееме во различни светови – поделени по партија, по етничка припадност, по вера, по идеологија, по „наши” и „ваши”. Наместо граѓани со заедничка визија, станавме групи со спротивставени агенди. А држава не може да опстане без минимум заеднички сон.

Ниту една држава не се гради само со закони и институции. Таа се гради со договор меѓу мнозинството граѓани дека сакаат заеднички живот, заедничка иднина и заеднички правила.

Без оглед на тоа дали си Македонец, Албанец, Србин, Турчин, Ром, верник или атеист, левичар или десничар, млад или стар – ако нема заедничка цел дека оваа земја треба да биде правна, чесна и функционална држава за сите, тогаш сè друго е само привид на соживот.

Сè додека прифаќаме да живееме во држава во која законот важи за слабите, врските важат за силните, молкот е попрофитабилен од ставот, а припадноста е поважна од способноста – ние не сме само жртви на системот, туку сме неговото гориво.

Ова не е текст против народот. Ова е текст за будење на народот.

Затоа што само освестен граѓанин може да создаде освестена држава.

Вистинското прашање не е: „Што прават политичарите со државата?” Вистинското прашање е многу понепријатно:
„Што правам јас за оваа држава да биде подобра?”

Додека не почнеме масовно да си го поставуваме тоа прашање – искрено, без алиби и без изговори – ќе продолжиме да живееме во илузија на промени, а во реалност на стагнација.

Државата не се спасува одозгора.
Државата се спасува од долу – од свесен, гласен и одговорен граѓанин.

А сè започнува во моментот кога ќе престанеме да бараме виновници само надвор од себе и ќе собереме храброст да се погледнеме во огледало.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.