Skip to main content
Економија

Растат задолжувањата и депозитите, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити

21/01/2026  12:05

Народната банка излезе со најновиот Извештај за монетарните движења во државата кој се однесува на месец декември 2025 година.

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства”, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор.

На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.

Во декември, кредитите на домаќинствата, забележаа месечно и годишно зголемување од 0,9% и 10,9%, соодветно поради растот на кредитирањето во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во декември, најзастапените категории, потрошувачките и станбените кредити, бележат месечен раст од 1,4% и 1,7%, соодветно, при годишен раст од 10,6% и
15,8%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити се намалени за 2,1% на месечна основа, додека на годишна основа остварија раст од 1,3%.

Кредитите одобрени на кредитните картички, во декември, забележаа месечен и годишен пад од 1,0% и 5,5%, соодветно. Во декември, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи, бележат месечно намалување од 16,4% и 1,4%, соодветно, при годишен пад од 2,5% и 11,4%, соодветно.

Вкупните депозити на домаќинствата, во декември, се повисоки за 3,6% на месечна основа. Притоа, промената речиси во целост се должи на растот на депозитните пари, при помал раст и на краткорочните депозити, додека долгорочните депозити забележаа намалување.

Анализирано на годишна основа, растот изнесува 12,1% и во најголем дел е резултат на зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута.