
Синдикатот на шпанските машиновозачи (SEMAF) денес најави генерален штрајк во железничкиот транспорт во Шпанија по железничките несреќи во Каталонија и Андалузија во кои загинаа најмалку 43 лица, а десетици други беа повредени. „Ќе повикаме на генерален штрајк во целиот сектор за да ја гарантираме безбедноста и довербата во железничката мрежа“, се вели во соопштението на SEMAF, без да се наведе точен датум за штрајкот.
Во Каталонија, автономен регион со 7,5 милиони жители во североисточна Шпанија, услугите за приградски железнички сообраќај беа привремено прекинати денес. Железничкиот оператор, Адиф, ги проверува пругите откако пороен дожд предизвика лизгање на земјиштето и паѓање камења врз пругите вчера вечерта.
Возот минувал покрај Барселона кога се урнала заштитна ограда, паѓајќи врз шините и првиот вагон на возот. 27-годишниот машиновозач, еден од групата практиканти во возот, бил убиен. 37 патници побарале медицинска помош, од кои петмина биле однесени во болница со тешки повреди.
