
Неисчистен снег и лизгави коловози создаваат сериозни проблеми во сообраќајот низ Македонија. Зимските услови веќе ги предизвикуваат првите посериозни незгоди на патиштата.
На регионалниот пат Росоман – Кавадарци утрово е регистрирана сообраќајна незгода во која учествувало тешко товарно возило. Според фотографиите од лице место, камион – контејнерски транспортер – изгубил контрола, се завртел и излетал од коловозот.
Очигледно е дека патот е покриен со слој од снег и мраз, што значително го отежнува движењето, особено за тешките товарни возила. Засега нема информации за повредени лица, но сообраќајот на овој потег се одвива забавено и со зголемена претпазливост.

Апел до возачите
Надлежните служби апелираат до сите учесници во сообраќајот, особено на правецот Росоман – Кавадарци и пошироко во тиквешкиот регион, да ги почитуваат зимските услови на патот:
• задолжително користење на зимска опрема
• одржување на зголемено растојание меѓу возилата
• избегнување нагли кочења и ризични маневри
Екипите за одржување на патиштата се очекува да интервенираат за расчистување на снегот и нормализирање на сообраќајот.
