
Д-р Рахул Јандиал, неврохирург, татко и автор, објаснува на кои клучни работи родителите треба да се фокусираат кога станува збор за здравјето на мозокот кај нивните деца. Осврнувајќи се на дваесетгодишното родителско искуство и напредокот во науката за човечкиот мозок, тој го споделува пристапот што го применува во воспитувањето на своите три сина, пишува Parents.com.
Иако со текот на времето поминале раните стравови поврзани со задушување или давење, грижата за безбедноста никогаш не исчезнува. Како неврохирург, Јандиал посветува особено внимание на заштитата и развојот на мозокот кај децата.
Исхрана што го храни мозокот
Според него, исхраната има значајно влијание врз умот и мозокот, но не преку „чудотворни“ намирници. Тој се држи до едноставни правила: секојдневно консумирање овошје или друга растителна храна и внесување мрсна риба, како лосос, неколку пати неделно. Антиоксидансите и омега-3 масните киселини се, според него, основа за здрав мозочен развој.
Пауза од екраните
Наместо строго ограничување на времето поминато пред екран, Јандиал инсистира на период без телефони и таблети пред спиење. Неговите деца не користат телефони еден до два часа навечер, што му овозможува на мозокот да се опушти, да размислува слободно и полесно да влезе во фаза на квалитетен сон.
Рамнотежа меѓу обврски и забава
Тој нагласува дека е важно децата секојдневно да имаат и обврски и моменти за забава. „Не сакам деца кои живеат само за цели, но ниту такви кои само се забавуваат“, вели Јандиал, потенцирајќи дека психолошкиот развој зависи од рамнотежата меѓу трудот и уживањето.
Учење нешто ново секој ден
Во семејството Јандиал постои навика секојдневно да се сподели интересна статија, видео или информација што поттикнува разговор. Овој мал ритуал, според него, го стимулира мозокот и ја зајакнува семејната поврзаност.
Грижа за менталното здравје
Тинејџерскиот мозок, вели тој, е исполнет со интензивни емоции и недоволно стабилизирани мозочни врски. Затоа, особено е важно родителите да бидат присутни, да слушаат и да им помогнат на децата да развијат здрави начини за справување со стресот, емоционалните предизвици и влијанието на социјалните мрежи.
Според Јандиал, најважната улога на родителот е поддршката – да се биде тука за детето, и кога е мирно и кога е збунето.

