Skip to main content
Македонија

Полицијата го опколи Батинци – потера по бегалец осомничен за две убиства

18/01/2026  23:09

Повеќе полициски тимови денеска се распоредени на неколку локации во скопскиот регион, меѓу кои и во селото Батинци, во рамки на обемна потрага по бегалец осомничен за тешки кривични дела. Информацијата ја потврди Министерството за внатрешни работи.

Од МВР соопштија дека по претходно добиени оперативни сознанија, надлежните служби преземаат активности со цел пронаоѓање и лишување од слобода на лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница.

„Надлежни полициски служби денеска делуваат на подрачјето на Скопје со цел лишување од слобода на лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница за тешки кривични дела. Активностите продолжуваат на терен“, информираат од МВР.

Според информации на Телма, потерата се води по Џ.М, кој подолго време е во бегство. Тој се сомничи дека во јули годинава во Батинци извршил убиство на жител на селото, офицер на АРМ, по наводен конфликт поврзан со обид насилно да ја венча ќерката на жртвата.

Истото лице претходно е осомничено и за друго убиство, поради што е означено како лице од висок безбедносен интерес.

Полициската акција е во тек. Повеќе информации се очекуваат во текот на денот.