
Лидерот на албанската опозициска, Демократска партија и поранешен премиер и шеф на државата, Сали Бериша, ситуацијата во земјата ја оцени како „драматична“, обвинувајќи ја владата за поплавите и неуспешното справување со природните вонредни состојби.
На состанокот на пратеничката група на ДП, Бериша рече дека Албанците и меѓународните партнери очекуваат опозицијата да ја реши кризата.
– Сите пријатели на Албанија во Европа и во светот очекуваат од албанската опозиција решение за драматичната ситуација во Албанија. Земја членка на НАТО, земја која тврди дека се движи кон ЕУ, се докажува пред своите граѓани и пред целиот свет како неодговорна клика, криминална организација која краде од своите граѓани дење и ноќе, рече лидерот на ДП.
Бериша се фокусираше и на последиците од поплавите, додавајќи дека неговата партија, ќе направи попис на штетите од поплавите и ќе ги обештети сите жители кога ќе дојде на власт.
– Дури по 10 дена, тој (премиерот Еди Рама) го свика таканаречениот Комитет за цивилни вонредни состојби и не прогласи вонредна состојба, за да нема обврска да се компензира штетата создадена апсолутно од рамнодушноста, корупцијата и кражбата на институциите на нарко-владата, посочи Бериша.
Тој им гарантира на граѓаните од овие области дека „Демократска партија на власт ќе им надомести за секој денар што го изгубиле во овие поплави”.
Осврнувајќи се на имунитетот на вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, што го бара Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), Бериша рече дека никогаш во историјата на оваа земја и парламентот премиерот не ја блокирал уставната постапка, уставната обврска за укинување на имунитетот на пратениците и министрите кои се обвинети од правосудниот систем за кражба, корупција или проневера.
-Ова е неуставен чин со многу драматични последици за Албанија и Албанците. Ова е погубување на моќта на правдата, пред очите на Албанците, рече Бериша.
