Skip to main content
Свет

Романтиката се претвори во хорор: Прскалки на свадбена торта предизвикаа пожар во хотел во Италија

12/01/2026  16:31

Прскалки поставени на свадбена торта, закачена на таванот, предизвикале пожар во хотел во Италија за време на свадбена прослава. Инцидентот се случил на 27 декември во хотелот „Кристал Палас“ во градот Авелино, објави британскиот медиум „Дејли Меил“.

Според локалните извештаи, младенците ги запалиле прскалките на тортата непосредно пред церемонијата на сечење. Искрите зафатиле дел од декорациите на таванот и завесите, по што чадот и пламенот брзо се прошириле низ салата. Пожарот потоа се проширил и кон лобито на хотелот, предизвикувајќи значителна материјална штета.

Околу 200 гости биле итно евакуирани од објектот. Младоженецот се здобил со изгореници од втор степен на десната рака и главата додека се обидувал да го изгасне пожарот. Тој бил пренесен во болницата „Франжипане“ во Аријано Ирпин, од каде подоцна истата вечер бил пуштен на домашно лекување.

Неколкумина од присутните претрпеле полесни последици поради вдишување чад, но, за среќа, во инцидентот немало смртни случаи.

На местото на настанот интервенирале противпожарни екипи од Аријано Ирпина и Гротаминарде, заедно со амбулантни возила и припадници на локалната полиција. Пожарот бил ставен под контрола и целосно изгаснат за околу еден час, но свадбената сала претрпела сериозни оштетувања. Уништени биле мебелот, завесите и дел од електричните инсталации, а надлежните органи започнале истрага за причините за инцидентот.