
Четири од повредените со изгореници од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана се хоспитализирани во специјализирани клиники во Германија, додека Швајцарија продолжува да се справува со последиците од трагедијата. Еден пациент е префрлен со хеликоптер во „Мариенхоспитал“ во Штутгарт, каде прима „интензивна медицинска нега“, пренесе ДПА.
Две „тешко повредени“ лица се хоспитализирани во клиниката „БГ“ во Тибинген, која се наоѓа околу 30 километри јужно од Штутгарт. Портпаролката на болницата истакна дека установата е подготвена да прими и дополнителни пациенти. „Мариенхоспитал“ во Штутгарт е центар за третман на жртви со тешки изгореници уште од 1983 година, а клиниката во Тибинген поседува „специјална експертиза за третман на тешки изгореници“, додаде портпаролката. Околу 40 лица загинаа во пожарот што избувна за време на новогодишната прослава, а повредени се околу 115 лица, од кои 80 се во критична состојба.
Повеќето од тешко повредените се на возраст меѓу 16 и 26 години. Истражителите претпоставуваат дека пожарот е резултат на несреќен случај, а истрагата продолжува. Една жена се лекува во болница во Лудвигсхафен на Рајна, јужно од Франкфурт. Клиниката „БГ“ во Лудвигсхафен е подготвена да прими до четири лица повредени во пожарот, а уште еден машки пациент се очекува подоцна денеска. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изрази сочувство до швајцарскиот претседател Ги Пармелин, кој ја презеде функцијата токму на Нова година.
– Ја споделуваме тагата и болката во овие тешки часови, напиша Штајнмаер, посакувајќи им на повредените брзо и целосно закрепнување и изразувајќи искрено сочувство „до сите швајцарски граѓани, и во име на сонародниците“.
