
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изрази подготвеност за разговори со САД во врска со евентуален договор за борба против трговијата со дрога, нагласувајќи дека дијалогот може да се одржи во секое време и на кое било место.
– Ако сакаат сериозно да разговараат за договорот за борба против трговијата со дрога, ние сме подготвени … Каде сакаат и кога сакаат, истакна Мадуро, во интервју за венецуелската државна телевизија, за идејата за дијалог со САД.
Во меѓувреме, венецуелската влада не даде јасен одговор на тврдењата на Вашингтон за наводен американски напад врз пристаниште кое, според американскиот претседател Доналд Трамп, го користеле венецуелски бродови вклучени во шверц на наркотици.
Трамп на 29 декември соопшти дека американските сили уништиле пристаниште, но не прецизираше дали станувало збор за официјална воена операција или за дејствување на Централната разузнавачка агенција. Доколку ваков напад навистина бил извршен, тоа би претставувало прва копнена акција на американските сили против Венецуела, по серијата од речиси 30 напади врз бродови во Карипското Море и Пацификот, во кои животот го загубиле повеќе од сто лица.
Администрацијата на Трамп го обвинува Мадуро дека стои зад функционирањето на наркокартел, додека официјален Каракас смета дека САД имаат намера да ја соборат венецуелската власт и да воспостават контрола врз нафтените ресурси на земјата.
