
Агенцијата за катастар на недвижности во текот на 2025 година оствари значајни резултати во работењето, потврдувајќи ја својата заложба за ефикасна, транспарентна и одговорна услуга кон граѓаните и правните лица.
Во текот на годината беа решени вкупно 1.040.137 предмети, што претставува јасен показател за зголемена ефикасност и континуирана посветеност во обезбедувањето квалитетна и навремена услуга. Паралелно со тоа, целосно се расчистени заостанатите предмети, а сите тековни барања се решаваат навремено, без застој и во законските рокови.
Дополнително, до Секторот за контрола и надзор при Агенцијата за катастар беа поднесени 577 претставки, од кои 556, односно 96,4%, се целосно обработени и затворени.
Во делот на графичкиот регистар на градежно земјиште, примени се 3.878 предмети, од кои 3.863, односно 99,6%, се успешно решени, што укажува на високо ниво на ефикасност и ажурност.
Во 2025 година преку електронскиот систем е-Влада до Агенцијата за катастар се доставени вкупно 416 барања за мислења и истите се одговорени во целост, со што процентот на реализација на овој вид на барања е 100%.
Една од клучните заложби на раководството беше и системското намалување на заостанатите предмети, како и навремено постапување по новопристигнатите барања. Во таа насока, бројот на нерешени тековни предмети е намален за 47,4%, додека бројот на тековно примени предмети во 2025 година е зголемен за 8%, во споредба со 2024 година.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, во објава на социјалните мрежи истакна дека поставените цели за 2025 година се реализирани, а бројките се најдобар доказ за тоа. Тој најави дека и во наредниот период Агенцијата ќе продолжи со интензивна дигитализација, унапредување на услугите и зголемување на транспарентноста.
„Овие резултати се јасен показател за подобрената организација, засилената контрола и зголемената ефикасност во работењето на Агенцијата за катастар на недвижности, со јасна цел – побрзи, поквалитетни и транспарентни услуги за граѓаните“, истакна Живковски.
