Skip to main content
Свет

Сопствениците на барот во Кран-Монтана се живи, идентификувано е тело на 17-годишен италијанец

02/01/2026  10:02

Сопствениците на барот „Констелејшн“ во познатиот швајцарски скијачки центар Кран-Монтана, каде што се случи трагедијата на новогодишната ноќ, се живи, објавија француските медиуми. Станува збор за Џесика и Жак Морети, по потекло од Корзика.

Според неколку француски онлајн портали, брачната двојка го презела популарниот бар во скијачкиот центар во 2015 година. Покрај „Констелејшн“, тие управуваат и со друг угостителски објект во Ленс.

Под нивно водство, некогаш запоставениот бар беше трансформиран во популарен ноќен клуб, едно од омилените места за излегување навечер во Кран-Монтана.

Семеен пријател потврдил за корзиканскиот дневен весник „Corse-Matin“ дека Морети се живи. Според информациите, во моментот на пожарот во барот била само Џесика Морети, 40-годишна жена, која наводно се здобила со изгореници на раката.

Досега ниту еден медиум не можеше директно да разговара со сопствениците. Еден вработен рече дека сите се во длабок шок. „Изгубивме дел од нашите вработени, но многу е тешко да се зборува за тоа денес“, рече вработениот.

Во пожарот, како што објавија медиумите, загина 17-годишниот Емануеле Галепини од Италија, голфер, кој живеел со своето семејство во Дубаи. 

Галепини, по потекло од Џенова, бил во Швајцарија со пријатели кога избувнал пожарот во раните утрински часови на 1 јануари во барот „Констелејшн“. Според локалните власти, околу 40 лица ги загубиле животите во ужасниот инцидент, додека повеќе од стотина биле повредени, од кои многумина сериозно.

Галепини се сметал за исклучителен млад талент кој редовно се натпреварувал на турнири низ Блискиот Исток и Европа. 

По трагичната вест, Италијанската голф федерација, исто така, издаде трогателно соопштение: „Италијанската голф федерација жали за смртта на Емануеле Галепини, млад спортист кој со себе носеше страст и автентични вредности. Во овој момент на голема тага, нашите мисли се со неговото семејство и сите што го сакаа. Емануеле, засекогаш ќе останеш во нашите срца.“