
Утрово на скопските клиники почина двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ, откако, според првичните информации, било погодено од заталкан куршум додека гледало огномет.
Детето најпрвин било згрижено во Градската општа болница, а поради сериозноста на повредите итно било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарските екипи констатирале масивно крварење во мозокот, при што биле зафатени сите мозочни комори.
И покрај интензивната медицинска грижа и постојаниот надзор, состојбата на детето била исклучително тешка и животозагрозувачка. Утрово, лекарите ја констатирале смртта.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно информираше дека станува збор за еден од најсериозните инциденти за време на новогодишната ноќ. Тој посочи дека повредата е предизвикана од метален фрагмент и дека сите околности под кои настанал случајот сè уште се предмет на истрага.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека ќе преземат соодветни мерки за целосно расчистување на настанот и утврдување на одговорност.
