
Точно на полноќ, во моментот кога настапи Новата 2026 година, Скопје ја доби најубавата можна вест. Првото новороденче во главниот град е девојче по име Евгенија Камчева.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку емотивна објава упати искрени честитки до мајката Емилија и го поздрави доаѓањето на новиот живот, истакнувајќи дека тоа е силен симбол на надеж, радост и нов почеток.
„Нов живот, нова надеж и силен симбол за почеток исполнет со радост и вера во иднината. Добредојде, Евгенија. Ти си најубавиот почеток на новата година“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посака малата Евгенија да расте во здраво и среќно општество и во град кој ќе ѝ овозможи да сонува, да се развива и да напредува.
„Нека секое новородено дете биде наша заедничка надеж и обврска – да градиме подобра иднина, посигурна држава и посилно општество“, порача градоначалникот.
