
Светот е во шок по трагичната вест што пристигна од Швајцарија во првите часови на 2026 година. Најмалку 40 лица го загубиле животот, а околу 100 се повредени во силна експлозија и пожар што избувнале во барот „Ле Констелашн“ во елитниот скијачки центар Кран-Монтана.
Експлозијата одекнала околу 01:30 часот по локално време, во момент кога објектот бил преполн со гости кои ја славеле Новата година. Иако швајцарката полиција официјално потврди дека има „неколку десетици загинати“, италијанското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на локалните власти, соопшти дека бројот на жртви е најмалку 40.
Сцените на местото на несреќата се опишуваат како страотни. Голем дел од телата се толку тешко изгорени што нивната идентификација засега е невозможна.
Кантоналната влада прогласи вонредна состојба по катастрофалната експлозија во Кран-Монтана. Во спасувачката операција биле мобилизирани сите расположиви ресурси – десет хеликоптери, 40 амбулантни возила и околу 150 спасувачи учествувале во гаснењето на пожарот и евакуацијата на повредените.
„Локалната единица за интензивна нега е целосно пополнета“, изјави шефот на регионалната влада Матијас Рејнард, додавајќи дека повеќето од повредените имаат сериозни изгореници. Поради исцрпените капацитети во кантонот Вале, пациентите се префрлаат во универзитетските болници низ цела Швајцарија.
Во спасувачката акција се вклучил и хеликоптер на италијанската Цивилна заштита. Причината за експлозијата во барот „Ле Констелашн“ засега не е позната, а истрагата е во тек.

