
Полициски службеници лишија од слобода тројца возачи во Велес, Тетово и Кочани, кои управувале возила под дејство на алкохол и предизвикале сообраќајни незгоди, а во еден од случаите возачот се движел во спротивна насока на кружен тек.
На 01.01.2026 година во 04:55 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода З.Ј. (29) од Велес. Претходно, на улицата „Димитар Влахов“ во Велес, тој со патничко возило „сеат“ со велешки регистарски ознаки удрил во метална канделабра. При преземање мерки било констатирано дека возилото го управувал под дејство на алкохол, односно дека имал 1,66 промили алкохол во крвта.
Во Тетово, на 01.01.2026 година во 00:54 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода А.З. (19) од село Порој, тетовско. Тој претходно, на улицата „Иво Рибар Лола“, со патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки удрил во рабник. По извршените проверки било утврдено дека возел под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,68 промили алкохол во крвта. Подоцна, во Клиничката болница во Тетово, тој физички нападнал полициски службеници додека извршувале службени дејствија.
Во Кочани, на 01.01.2026 година во 01:50 часот, полициски службеници од ОВР Кочани го лишиле од слобода Д.Ѓ. (69) од Кочани, затоа што управувал патничко возило „форд“ со штипски регистарски ознаки на кружен тек во спротивен правец, по што продолжил да се движи спротивно и по улицата „Димитар Влахов“ во Кочани.
По целосно документирање на случаите, против тројцата ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
