
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, е меѓу дипломатите од кариера кои се отповикани како дел од неодамнешната одлука на претседателот Доналд Трамп, која опфати смена на околу 30 амбасадори на САД ширум светот.
„Длабоко сме благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи“, се наведува во соопштението на Амбасадата за МИА. Амбасадата нагласува дека работата ќе продолжи нормално во текот на овој процес.
Стејт департментот не ги коментираше конкретните бројки или имиња на амбасадори, но соопшти дека станува збор за стандарден процес во секоја администрација. Како што се наведува, амбасадорот е „личен претставник на претседателот, и право на претседателот е да осигура дека во овие земји има поединци кои ја унапредуваат неговата агенда ’Америка на прво место‘“.
Најголем број повлекувања има од Африка, каде се сменети амбасадорите во 13 држави, меѓу кои Нигерија, Сенегал, Сомалија, Брегот на Слоновата Коска и Маврициус. Во Азија промени ќе има во шест земји, вклучително Филипини и Виетнам, додека во Европа амбасадорите ќе се менуваат во Ерменија, Северна Македонија, Црна Гора и Словачка.
Промени се најавени и на Блискиот Исток – во Алжир и Египет, како и во Јужна и Централна Азија – во Непал и Шри Ланка, и во Западната хемисфера – во Гватемала и Суринам.

