
Во рамките на јавната стручна дискусија за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа, организирана од Министерството за јавна администрација, доц. д-р Константин Битраков, експерт по управно право и јавна администрација од Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, ги презентираше предложените законски решенија, нивната правна основа и значењето за идната организација и функционирање на државната управа, придонесувајќи со својата научна и практична експертиза во конципирањето и нормативното обликување на законскиот текст, особено во делот на јасното уредување на институционалната поставеност, надлежностите и одговорностите на органите на државната управа.

Во продолжение се одржа панел-дискусијата „Новата архитектура на државната управа – принципи, надлежности и функционалност”, на која учествуваа проф. д-р Борче Давитковски, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска и проф. д-р Драган Гоцевски од Правниот факултет „Јустинијан Први”.
Преку размена на стручни мислења и аргументи, панелистите ги разгледаа предложените решенија од правен, институционален и практичен аспект, со посебен осврт на нивното значење за појасно уредување на системот на државната управа. Во фокусот беа разграничувањето на надлежностите, овластувањата и одговорностите на институциите, функционалната организација на органите и односите меѓу нив, како и потребата од доследно почитување на законски утврдените надлежности.
На панелот проф. д-р Борче Давитковски истакна дека станува збор за нов закон за организација и работа на органите на државната управа, кој на нови основи ја уредува организациската поставеност на државната управа, со функционално разграничување на надлежностите меѓу соодветните министерства. Според него, предложените решенија треба да овозможат воспоставување независна и функционална организациска структура, приспособена на потребите за развој на државата, како и на барањата што произлегуваат од процесот на пристапување и целосна интеграција во Европската Унија.
Надоврзувајќи се на прашањето за институционалната поставеност и функционалноста на државната управа, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска го поддржа Нацрт-законот оценувајќи го како јасно, прецизно и концизно законско решение. Таа нагласи дека уставно добро поставената државна управа не подразбира само јасна институционална структура, туку и систем во кој секој орган постапува во рамките на своите законски овластувања, одговара за својата работа и обезбедува ефективно остварување и заштита на правата на граѓаните. Притоа, посочи дека квалитетните законски решенија мора да бидат проследени и со соодветни обуки за зајакнување на интегритетот и политичката неутралност на вработените во управата, бидејќи без нивната доследна примена во практиката, очекуваните промени може да изостанат.
Од аспект на практичното функционирање на институциите, проф. д-р Драган Гоцевски оцени дека Нацрт-законот претставува значаен чекор кон унапредување на системот на организација на државната управа во повеќе аспекти. Тој посочи дека текстот ги одразува воспоставените практики на операционализација на уставните одредби преку единствен пропис со кој се утврдуваат организациските облици на органите на државната управа, нивните надлежности и линиите на отчетност меѓу нив и кон Владата. Воедно, истакна дека предложените решенија придонесуваат за поголема номотехничка прегледност, поедноставување на номенклатурата на органите на управата и намалување на употребата на застарени организациски облици што сè поретко или воопшто не се среќаваат во практиката. Како значаен аспект го посочи и попрецизното определување на надлежностите на опфатените институции и нивните раководители, поздравувајќи ја отвореноста на Министерството за јавна администрација за јавна дискусија и за разгледување конструктивни предлози што можат да придонесат кон натамошно унапредување на законскиот текст.
Јавната дискусија е дел од процесот на разгледување и унапредување на Нацрт-законот, со вклучување на академската и стручната јавност и размена на аргументи за предложените решенија. Целта е законската рамка да одговори на реалните потреби на институциите и да придонесе кон државна управа во која надлежностите се јасно определени, одговорноста е недвосмислена, а институциите функционираат координирано и во интерес на граѓаните.


