
Незадоволството кај администрацијата, земјоделците и бизнис-секторот расте, но граѓаните сѐ уште не се охрабруваат да го изразат револтот на улица, оцени градоначалникот на Општина Центар и потпретседател на СДСМ, Горан Герасимовски.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој упати остри критики кон актуелната власт, особено за состојбите во економијата.
„Катастрофално е ова што се случува во државата, особено во делот на економијата. Гледаме незадоволна администрација, незадоволни земјоделци, незадоволни бизнисмени, но сè уште никој не собрал храброст да излезе на улица и да го искаже својот револт“, изјави Герасимовски.
Според него, обединувањето на опозицијата и создавањето стабилен опозициски блок би ги охрабриле граѓаните поотворено да го изразат незадоволството од работењето на власта.
„Сигурен сум дека со окрупнување на опозицијата, со стабилна опозиција и стабилен опозициски блок, граѓаните ќе се охрабрат и својот револт и незадоволство ќе го искажуваат на поинаков начин“, нагласи тој.

Герасимовски смета дека опозициските партии треба да понудат поинакви политики и конкретни решенија за економските и општествените проблеми. Како клучен предизвик го посочи враќањето на довербата кај граѓаните преку силна и организирана опозиција.

