Skip to main content
Македонија

Што мора да следи по конгресниот говор на Мицкоски?

08/12/2025  10:16

Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски

Говорот кој го одржа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по добивањето на неговиот трет мандат, отвори повеќе прашања отколку што затвори. Од првиот момент се почувствува јасноста на пораките. Лидерот не се задржа на празни фрази или популистички изјави, туку директно ги адресираше клучните предизвици и потенцијалните ризици за партијата и државата. Ова создаде впечаток на сериозност и политичка зрелост карактеристики што ретко се среќаваат во секојдневната политичка комуникација.

Со други зборови, говорот имаше цел да создаде и мотивира силна колективна свест, чувство на итност и мотивирачка енергија. Подобра и поубава иднина не се гради сама по себе, туку бара ангажман од секој член кој е посветен, активен и одговорен. Ова не беше само протоколарен настап, туку обид да се постави нова рамка на политичко однесување кое треба да биде дисциплинирано, совесно и визионерско, како и рамка за тоа како треба да изгледа и партијата, и државата во следните дваесеттина години.

Усвоената стратегија 2025–2030 и усвоената платформа на Конгресот не се само документи, туку претставуваат национален договор што ја поставува Македонија на пат кон европската иднина. Целите се јасни: стабилни институции, модерна економија, силна дипломатија, самосвесна држава и задоволни граѓани. Фокусот е ставен на подобрување на животниот стандард, создавање функционален систем кој им служи на сите, како и обезбедување реална шанса за младите да напредуваат според знаење и способности, а не преку партиски, другарски или роднински врски. Образованието и економијата се поставени како столбови на долгорочниот развој, а партијата е повикана да го вложи целиот свој потенцијал за да ги оствари овие цели.

Според зборовите на претседателот Мицкоски, на 18-тиот конгрес ВМРО-ДПМНЕ ја потврди одлучноста да изгради држава што ќе биде дом на сигурност, правда, достоинство и развој. И тоа е навистина одлична работа бидејќи држава не се гради со зборови, туку со визија. А визија нема секој. Визијата ја има оној што ја гледа Македонија не како проблем, туку како потенцијал; не како товар, туку како мисија. Визија до 2050 година, а не само до следните парламентарни избори. Ова е исправен пристап. Но, мора да имаме на ум дека визија се реализира со добара кадар бидејќи во спротивност е мртва визија, визија на хартија. Сметам дека ова му е мошне јасно и добро познато на претседателот и дека во блиска иднина на клучни позиции за реализација на визијата ќе преложи или именува квалитетни кадри. Тоа подразбира и решителност да се отстранат оние кои со години го кочат системот и се борат против секој што има повеќе знаење или капацитет од нив.

Но, тука се отвора клучното прашање: што со луѓето кои веќе имаат амбиција, знаење и чесност, но одредени општински структури и партиски функционерри ги држат понастрана и не им даваат можност да го дадат својот придонес? Што со оние кадри кои можеле да придонесат повеќе од сегашните добро позиционирани сопратијци, но биле ,,турнати’ на маргините од поранешни високи партиски и државни функционери, а сегашниве воопшто не им обратиле внимание односно настојувале да ги држат подалеку од нив, а истовремено заради личен опстој плетеле свои лоби групи и грушички заради зајакнување на сопствените позиции? Одговорот на оваа болна тема дојде веднаш од страна на Мицкоски кој беше мошне дециден и јасен: следните шест месеци мора да бидат период на отворање простор за нови, докажани и чисти кадри. Со овој одоговор тој истовремено упати силна порака дека ги знае сите тие ситни марофетлуци на оние што се блиску или подалеку од него. Дека одама се прочитани и дека отсега вистинската вредност ќе се мери преку работа и резултати од работата, а не преку ситни калкулации, влијание и блискост.

Во делот на европската интеграција претседателот Мицкоски во својот говор посочи дека Македонија се соочува со сериозни предизвици, особено во односите со источниот сосед Бугарија, каде што се бара фер решение што ќе донесе конкретна корист за сите граѓани. Мошне достоинствено и стамено се одважи и кажа: ,,Позицијата на државата е стабилна и јасна, нема повеќе попуштање, нема нови уцени’’. Токму оваа цврстина го издвојува Мицкоски од многумина поранешни премиери и партиски лидери, кои во вакви или слични деликатни моменти не само што тивко шепотеа, туку и ја виткаа кичмата до земја пред агресивниот притисок.  Додека ЕУ и нашиот сосед не се одлучат дали сакат билатерално или трилатерално да се води овој процес и истиот брзо да се реши без уцени и закани тој јасно посочи дека фокусот мора да се стави на домашните задачи и обезбедување стабилна иднина за сите граѓани, без разлика на етничката припадност.

Дел од пораките упатени на 18-иот Конгрес се однесуваа на чесност, одговорност и историска должност. Позицијата на лидер не е награда, ниту привилегија, туку обврска што бара дисциплина, интегритет и визија. Ако сакаме модерна и силна држава, мора да се потпремен на капацитетно и кавалитатино силни луѓе, а тоа значи приземјување на оние кои живеат од интриги и се борат против секој што знае повеќе од нив.

Најсилно искажана порака на Конгресот, според мое мислење, беше сетот констатации и пораки дека функцијата не е трофеј, туку обврска, дека покажување амбиција без чесност е мошне опасна работа која брзо завршува. Никој нема право да ја држи партијата како заложник за личните интереси. Ерата на функционерски комодитет е завршена. Нема загарантирано столче. Кој не работи, нема да биде дел од тимот. Кој ја крши довербата, ќе си замине. Кој не срами пред народот, за него нема место во ВМРО. Едноставно кажано на о6 ноември 2025 година беше вратена ерата на критериумите, ерата на ред и одговорност..

Политиката не е игра на суети, туку одговорност пред сите граѓани, и пред оние што ве и што не ве поддржале или гласале.  Државата не може да се води само со формални позиции и лични амбиции. Потребна е „вертикала на интегритет“ почнувајќи од лидерот па до секој член. Секој што не е подготвен да се придржува до овие стандарди, сам се исклучува од идните процеси. Тимската работа е предуслов, но таа мора да се гради врз доверба, дисциплина и етика. Без тоа, и лидерството, и државата ризикуваат да се распаднат.

По јавно пренесените пораки  како да се почувствува дека старите паралелни мрежи и непринципиелни внатрепартиски коалиции експресно повлекоа чекор назад. Конечно им беше јасно дека времето на шепотења, сплетки и полујавни интриги е минато. Затоа овој говор не беше само реторичка победа туку тој беше сериозен тест за сите. Лидерот прв мора да го положи овој самопоставен тест во следните шест месеци, кога капацитетот, чесноста и способноста на една индивидуа ќе стане основен предуслов за извршување на партиски или државни обврски односно, а не само украс во говорите.

Во целина, конгресниот говор заслужува признание не поради стилот или харизмата, туку поради сериозноста, јасноста и директноста. Мицкоски постави стандарди што членството треба да ги следи, кои треба да бидат водилка за идната работа на партијата и за развојот на државата. Пораките беа директни, смислени и мотивирачки релевантни за секој кој искрено ја сака својата земја.

На крајот, сума сумарум: конгресниот говор беше визионерски, сериозен и дисциплинирачки. Но вистинската тежина на неговата сила ќе се измери во следните шест месеци, преку тоа:

  •  дали неселективната одговорност ќе стане практика,
  •  дали ќе има нулта толеранција и казнивост за злоупотребите,
  •  дали ќе се отворат вратите за способните, чесните и докажаните експерти,
  •  дали ќе ги спречиме идните предавства на националните интереси,
  • дали ќе изградиме чувство на вреднување што ќе мотивира секој член на континуирано вложување труд.

Говорот и ветувањата беа силни. Но, она што мора да следи мора да биде уште посилно. Од политичка козметика веќе сите сме уморни. Таа им ја оставаме на нашите политички конкуренти. Нам ни се битни сегашната и идна подобра благостојба на државата и граѓаните.