
Со длабоки емоции и тврдење дека ќе зборува „тивко, но вистинито“, пред судскиот совет се обрати Николчо Гоцев, градежен инспектор во Општина Кочани. Тој се претстави не како криминалец, туку како човек кој таа ноќ помагал до доцна, а подоцна станал „жртва на системска слабост“.
Гоцев, кој е онколошки пациент, изнесе сериозно обвинување кон истражните органи: „Во текот на испрашувањата, инспекторите од МВР велеа: ’Не е можно да нема никој виновен од општината, мора некој да има‘. Зборуваа дека некој мора да ја понесе одговорноста пред јавноста.“ Тој алудира дека е избран за обвинет само за да се задоволи јавниот притисок.
Во своја одбрана, Гоцев рече дека законски му се врзани рацете: „Градежниот инспектор не контролира внатрешен ентериер, ниту мерки за заштита од пожар. Законот за инспекциски надзор не дозволува да се влезе во објект без писмен налог или пријава. Инспектор кој нема налог, ако влезе, ќе одговара кривично.“
Тој истакна дека дискотеката почнала да работи седум години пред неговото вработување и праша: „Ако стотици објекти не ги исполнуваат условите, дали тоа значи дека стотици градоначалници и инспектори треба да бидат обвинети?“
Гоцев откри и дека поднел кривична пријава за друг објект со сериозен ризик во Кочани, но таа била одбиена од истите органи кои сега го гонат него. „Вечерта кога се случи трагедијата, јас веднаш бев во болницата со полицијата и војската. Ги носевме повредените и починатите. Тоа е момент кој не можам да го заборавам.“
Николчо Гоцев се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Обвинителството го обвинува дека не повел постапка по службена должност, иако знаел дека во објект за „лесна индустрија“ се врши угостителска дејност спротивно на Деталниот урбанистички план, не извршил надзор за да утврди дали пренамената на просторот ја загрозува стабилноста и безбедноста од пожар и не донел решение за отстранување на неправилностите или затворање на објектот, иако тоа било во негова надлежност според Законот за градење.
Гоцев инсистира дека неговите дејства биле законски ограничени и дека тој не може да биде обвинет за последиците од системски пропусти и недостаток на контрола во институциите.
