Обвинение за 22-годишна жена поради измама – лажно им изнајмувала станови на луѓе во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 22-годишна жена од Богданци. Утврдено е дека во периодот од 15 јули до 29 септември годинава измамила седум лица во Скопје. Обвинетата измамата ја вршела со лажно прикажување на факти дека ќе им изнајми сопствен стан во Скопје на оштетените и со тоа ги навела однапред да и исплатат во готово одреден паричен износ.

„По претходно објавени огласи за изнајмување станови преку социјалната мрежа Фејсбук, секој од оштетените телефонски ja контактирал обвинетата и таа лажно им прикажала дека ќе им изнајми стан, барајќи да и исплатат пари како аванс пред да се вселат. По уплатата, на секој од оштетените им давала на рака клучеви како да се од изнајмените станови на различни локации во Скопје. Меѓутоа, клучевите не одговарале на становите што наводно им ги изнајмувала и во нив живееле други луѓе. На овој начин обвинетата од оштетените прибавила пари во вкупен износ од 74.200 денари“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Покрај обвинението Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје има доставено и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетата, која и била определена поради опасност од бегство.

Треба да знаете
Последни објави