Радев: Преговорите со Скопје се завршени, дијалогот за ЕУ членство е со Брисел

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека не постои потреба од било какво посредување меѓу Бугарија и Македонија во контекст на продолжувањето на процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската унија. Според него, дијалогот треба да се води директно со Брисел, бидејќи Софија веќе не е вистинската адреса за вакви разговори.

Радев нагласи дека оваа позиција му ја пренел и на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој според одредени извори би можел на 7 ноември во Будимпешта да организира средба помеѓу него и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Сепак, Радев потенцира дека Софија нема повеќе улога во преговорите, и дека сите прашања поврзани со интеграцијата треба да се решаваат во рамките на Европската комисија.

Во одговор на изјавата на македонскиот премиер Мицкоски дека е подготвен да се сретне и разговара со Радев за наоѓање на долгорочно решение, бугарскиот претседател истакна дека преговорите меѓу Бугарија и Македонија се завршени пред две години. Според Радев, решенијата беа постигнати во јули 2022 година со потпишувањето на двостраниот протокол врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

„Мојот став е јасен и добро познат. Јас секогаш сум бил отворен за дијалог, но важно е да се прави разлика меѓу дијалог и преговори. Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година со потпишувањето на двостраниот протокол. Дијалогот сега треба да се води со Европската комисија и тоа врз основа на Преговорачката рамка за Северна Македонија, која беше едногласно усвоена од сите земји членки на ЕУ, вклучително и Владата на Северна Македонија,“ изјави Радев.

Тој додаде дека Северна Македонија треба да се фокусира на исполнувањето на условите поставени во Преговорачката рамка за да ги започне преговорите за членство во ЕУ, и дека за ова нема потреба од какво било посредување од други држави.

Треба да знаете
Последни објави