По труењето со храна, Министерството за одбрана го раскина договорот за обезбедување на организирана исхрана

По труењето со храна на голем број припадници на Армијата, Министерството за одбрана денеска реши да го раскине договорот со досегашната фирма која годинава го доби тендерот за обезбедување на храна на вработените во министерството и Армијата. Како што велат од таму за 24Инфо, од утре на сите вработени ќе им се исплаќа надоместок за исхрана.

“Денеска по препорака на работната група за утврдување на фактичката состојба со досегашната реализација на договорот за обезбедување на организирана исхрана – ручек за вработените во МО и припадниците на Армијата, составена од членови од министерството и Армијата, министерот за одбрана го раскина Договорот за набавка.

По утврдените бројни недостатоци, работната група во соработка со Секторот за правни работи даде препорака овој Договор да биде раскинат, согласно позитивните законски прописи.

Од утре сите вработени во Армијата и министерството ќе добиваат надомест, согласно одредбите од колективниот договор”, одговорија од министерството за 24Инфо.

Треба да знаете
Последни објави