Ужас во Хрватска: Додека ја чистел пушката ја убил мајка си

20-годишно момче во Хрватска со истрел од пушка ја убил мајка си, а според сите извештаи како што пренесуваат локалните медиуми, тоа е трагична несреќа.

Меѓумурје Пишкоровец вчера вечерта било окупирано од полицијата откако добиле дојава за пукање и едно повредено лице.

Според раскажувањата на соседите, се се случило некаде после 19 часот и 30 минути, кога по пукањето, во семејната куќа се слушнал крик, проследен со повици за помош. Повредената 50-годишна Јасминка Л. не можела да се спаси, а нејзиниот 20-годишен син Доминик е уапсен и под кривична истрага.

„Сите сме во шок. Со Јасминка сум во сродство и не ми се верува дека тоа се случило. Откако Доминик случајно ја ранил со таа ѓаволска пушка, мислам дека веднаш била повикана итна помош, но не ја чекале туку со колата на соседот ја однеле Јасминка кон болницата Чаковец. Беше облеана во крв и онесвестена. Одеднаш, кога стигнаа до Стефанец, нè известија дека таа починала, дека повеќе не дише. И полицијата го одвела Доминик“, изјавил жител на Пишкоровец, кум на починатата жена.

За Доминик вели дека „момчето е добро, трудољубиво, но и многу се врзувало за мајка си“.

– Таа несреќа се случи во куќата додека беа таму. И тој не пукаше кон мајка му намерно. Се плеткаше со пушката, не знаеше дека има куршум внатре, а за да се оправда дека воопшто ја држел, кажал дека ќе ја полира малку. И одеднаш „бум“. Ужас. Доминик ја обожаваше својата мајка. Единецот уште не беше оженет, па и помагаше на мајка си со најмладата сестра, која е на дијализа и е болна – додава кумот на починатиот. На прашањето за оружјето, дали семејството знаело за таа пушка и чија е таа, тој забележува дека не знаеле за оружјето во нивниот дом, а од каде дошло во рацете на Доминик, исто така, не знае.

– Лесно е за потеклото на пушката. Доминик нека објасни во полиција и приказната е завршена, но поголем проблем е што случајно ја убил мајка си и тоа ќе го одбележи целиот негов живот бидејќи за тоа нема оправдување – заклучува жителот на Пишкоровец.

Телото на трагично убиената жена е пренесено на обдукција на патолошкото одделение во болницата Чаковец.

По кривичната истрага ќе бидат познати сите околности кои довеле до трагедијата и дали 20-годишникот ќе биде пријавен за случајна смрт, пренесува „Јутарњи лист“.

Треба да знаете
Последни објави