Агелер: Голем број имиња под проверка за црната листа на САД

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, изјави дека се разгледуваат голем број на случаи и дека повеќе имиња се под проверка во врска со црната листа на САД. Таа нагласи дека процесот е во тек и дека, како што случаите ќе напредуваат, амбасадата ќе биде информирана од Вашингтон.

„Има многу случаи кои се разгледуваат, тоа е секогаш така. Не сум сигурна кога ќе биде објавено следното име или имиња, но можам да кажам дека повеќе имиња се под проверка,“ изјави Агелер, истакнувајќи дека не може да прецизира кога ќе биде објавена следната листа со имиња.

Во врска со корупцијата, Агелер, за време на гостувањето на телевизија Сител, рече дека таа е „рак рана во општеството“ и дека влијае на сите аспекти од животот во земјата, вклучувајќи го и здравството, образованието и правосудството. Таа додаде дека е свесна за фрустрацијата на граѓаните од нивото на корупција и нагласи дека е важно со неа да се соочиме.

„Корупцијата не е застапена само во судството, туку е во секој аспект на животот овде. Секаде каде што патувам низ земјата, слушам за фрустрацијата на граѓаните од нивото на корупција,“ истакна Агелер.

Во однос на најавите на премиерот Христијан Мицкоски за можно распуштање на двата највисоки правосудни органи – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители – Агелер изјави дека овие одлуки треба внимателно да се разгледаат. Таа посочи дека Европската унија испрати експерти кои дадоа препораки и патоказ за реформи во правосудството, кои сега се разгледуваат од страна на премиерот.

„Тоа не се одлуки за брзо донесување, туку треба внимателно да се разгледаат импликациите и резултатите од ваквите одлуки, а потоа да се продолжи на претпазлив и внимателен начин,“ рече Агелер, додавајќи дека се надева оти премиерот не мислел на неа кога изјавил дека амбасадори се мешаат во внатрешните работи на земјата.

Треба да знаете
Последни објави