Првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“ и лицето за кое се проверува дали му помагало се осуденици побегнати од затвор

Од МВР за „360 степени“ потврдија дека Е.К., првоосомничен за убиството на Васил Е., побегнал од Идризово на 15 април оваа година, додека А.К. кој вчера сам се пријави во полициска станица побегнал од Шутка на 22 јули годинава, кога со затворот сè уште раководи Филип Андов.

Првоосомничениот за убиството кај Трговскиот центар „Мавровка“ и лицето кое вчера вечер самото се пријави во полициска станица откако полицијата два дена трагаше по него поради сомненија дека е вмешано во настанот се осуденици кои побегнале од затвор. Информацијата, на прашања на „360 степени“, ја потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Првоосомничениот за убиството на Васил Е., 39-годишниот Е.К., кому вчера Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, бил затвореник во „Идризово“. Оттаму побегнал на 15 април годинава. Во моментот на неговото бегство директор на затворот е Зоран Јовановски, кој е сè уште на оваа позиција.

Лицето А.К., кое вчера само ѝ се предаде на полицијата, како што информираат од МВР, престојувал во затворот „Скопје“ во Шутот Оризари, а оттаму избегал пред точно еден месец, на 22 јули годинава.

Бегството на А.К. се случило во период кога со затворот „Скопје“ сè уште раководел Филип Андов-Сокол. Актуелниот в.д. директор Бобан Утковски е назначен на функцијата два дена по бегството на А.К..

Инаку, двајцата бегалци се барале по централна потерница распишана од МВР на денот на нивното бегство.

Денот на бегството на А.К. од Шутка, 22 јули, се совпаѓа со датумот кога директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов објави дека при вонреден инспекциски надзор во овој затвор недостасувале 11 затвореници од 180 на списокот. Десет од нив во текот на ноќта во различни интервали се вратиле во Шутка, но утрото повторно четворица избегале, објави Пандов за надзорот извршен на 19 јули.

На ова реагираше тогашниот директор Филип Андов, кој ги отфрли наводите на Пандов како неточни и најави тужба против него.

Ексминистерката и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, во настап за ТВ 21 во средата, го оцени за симптоматично тоа што МВР не ги објавило иницијалите на осомничените за убиството.

„Дали МВР не ги соопштува иницијалите на уапсените ниту на тој по којшто се трага затоа што можеби тоа се луѓе кои се затвореници кои наместо да бидат во затвор се на улица, а по кои МВР имало распишано потерница, но по повеќе од 30 дена не можеле да ги најде. За жал, требаше да се случи убиство во центарот на Скопје за едниот од нив да биде приведен, а за другиот допрва да се организира акција за негово пронаоѓање“, рече Петровска на 21 август 2024г.

Убиството на Васил Е. се случи утрото во вторникот (20 август) на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера отвори истрага против првоосомничениот Е.К., а Судот му одреди 30-дневен притвор, тој се товари за три кривични дела – убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и трговија со огнено оружје.

Лицето А.К., кој беше во бегство и по кого полицијата трагаше, вчеравечер самиот се пријавил во полициската станица „Пролет“.

Треба да знаете
Последни објави