Андоновски-Гир: ЕУ ќе ја помага дигиталната трансформација на земјата

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари средба со шефот на Мисијата на Европската Унија, Амбасадорот, Дејвид Гир.

Соговорниците се осврнаа на реформите што ѝ претстојат на нашата земја на нејзиниот евроинтегративен пат, со акцент на дигиталната трансформација на процесите.

Министерот Андоновски подвлече дека дигитализацијата е висок приоритет на оваа Влада, дека е неизбежна за секое општество и токму затоа, колку побрзо ја реализираме таа трансформација на општеството, паралелно со градење на вештини кај граѓаните, толку побрзо ќе изградиме ефикасни, отчетни и одговорни институции. Андоновски додаде дека премногу долго постоел некоординиран пристап за ова прашање што го оневозможувал напредокот како и дека таа реалност се менува преку системска активност на Министерството за дигитална трансформација, која подразбира дигитална инфраструктура и поврзување, дигитални вештини и компетентност, дигитална економија во ера на нови ИКТ технологии, доверба и безбедност, како и економска интеграција.

“Граѓаните со право бараат подобар живот, а Владата е целосно посветена на подобар стандард и исполнување на високите критериуми за интеграција”, истакна Андоновски.

Стана збор и за развојот на проектите во рамките на Програмата за Дигитална Европа, која отвора одлични можности за граѓаните, јавните институции и разни организации да аплицираат и да имаат корист од финансирањето од 7,5 милијарди евра.

“Поддршката која доаѓа од ЕУ е од огромна важност за нашата држава и е сигнал за ефикасно и ефективно надминување на предизвиците во текот на интегративниот процес. И покрај бројните отстапки и откажувања кои не се вреднувани до крај, ние остануваме решителни да ги негуваме заедничките вредности, демократските принципи и клучното партнерство со ЕУ, која игра најважна улога во развој на државата по европски стандарди”, нагласи Андоновски.

Треба да знаете
Последни објави