ЕУ донесе одлука за користење на милијардите замрзнати руски средства за Украина

Советот на Европската унија во вторникот усвои низа правни акти со кои се осигура дека нето добивката од неочекуваните и вонредните приходи од замрзнатите руски средства ќе се користат за воена поддршка за Украина, како и за зајакнување на капацитетот на нејзината одбранбена индустрија и обнова.

Тоа значи дека финансиските институции кои чуваат руски замрзнати средства на своите сметки во износ од повеќе од еден милион евра ќе дадат финансиски придонес од нивната нето добивка акумулирана од 15 февруари годинава.

На 12 февруари 2024 година, Советот на ЕУ одлучи дека финансиските институции кои поседуваат повеќе од еден милион евра средства и резерви на Руската централна банка, која е имобилизирана како резултат на рестриктивните мерки на ЕУ, мора да издвојат вонредни средства кои се акумулираат поради тие мерки и дека не можат да располагаат со нето добивката што произлегува од неа.

Одлуката денеска и формално ја потврди Советот откако на почетокот на месецов беше постигнат договорот на амбасадорско ниво.

Според таа одлука, 90 отсто од тие средства ќе одат во фондот на ЕУ за воена помош за Украина, а останатите 10 отсто за нејзината одбранбена индустрија и одбрана.

Според проценките на ЕУ, замрзнатите руски средства би можеле да донесат меѓу 15 и 20 милијарди евра до 2027 година.

Треба да знаете
Последни објави