Претседателката на Грузија стави вето на законот за странски агенти

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили стави вето на законот за „странски агенти“против кој Грузијците протестираат со недели, јавува грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Според законот, медиумите и невладините организации би требало да се регистрираат како субјекти кои „ги застапуваат интересите на странските сили“, доколку повеќе од 20 отсто од нивните финансии доаѓаат од странство.

Законот, за кој критичарите тврдат дека наликува на законското решение на Русија со кое претседателот Владимир Путин ја задуши опозицијата и независните медиуми, беше усвоен во вторник, на 14 мај, и покрај повеќенеделните протести во земјата и предупредувањата од Западот.

Периодот пред и по усвојувањето на законот беше обележан со масовни демонстрации на десетици илјади Грузијци, кои постојано беа насилно задушувани, со солзавец, водени топови и гумени куршуми.

Зурабишвили претходно најави дека ќе стави вето на законот и дека законот го смета за „неприфатлив“ и дека претставува јасно отстапување од европскиот пат на земјата.

Владејачката партија Грузиски сон, која исто така го „протурка“ законот низ парламентот, има доволно мнозинство за да надвладее и да го поништи ветото.

Постои можност Европската унија да ја замрзне кандидатурата на земјата за членство поради законот, пишува оваа недела „Фајненшл тајмс“.

Треба да знаете
Последни објави