Search

Конфискација на дивоградби, ќе ги предомисли сите кои сакаат да градат без одобренија

Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка ќе ги предомисли сите оние кои сакаат да градат без одобренија за градба, смета градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски кој до ЗЕЛС поднесе Иницијатива за конфискација на дивоградби која на 19 овој месец се преточи во закон.

Станува збор за Иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на нивна територија и нивна пренамена во функција на општината. Ова е голема победа на општината но и на сите други кои за уривање на дивите градби трошеа енормни средства.

„Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на Иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во Законско решение е победа на Општина Центар но и сите други општини во државата. Собранието на 19 март, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде во Член 66 е преточена Иницијативата која ја поднесов до ЗЕЛС со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, посочи Герасимовски денеска пред медиумите.

Герасимовски појаснува дека новото Законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите кои се на приватно земјиште, за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.

На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на Иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.

Герасимовски напоменува дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно потсетува градоначалникот дека средствата планирани за уривање на нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави