Search

Глумците читаат

Денес, во Скопје, г-дин Бесфорт Идризи, декан на факултетот за Драмски уметности при УКИМ и г-дин Александар Марјановиќ, директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, потпишаа меморандум за соработка. Овој меморандум има за цел воспоставување на соработка помеѓу двете организации во области од заеднички интерес,  како и други видови соработка.

Според договорот, активностите кои ќе произлезат ќе се фокусираат на изработка на јавно достапни содржини во вид на аудио записи од читања на извадоци од книги за деца. Со потпишувањето на овој меморандум, факултетот заедно со своите сегашни и некогашни студенти ќе земат учество во проектот на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ за поттикнување на љубовта кон читањето кај децата. Тие ќе читаат делови од книги за деца а нивните аудио записи ќе бидат поставени на YouTube каналот на фондацијата. Овие материјали родителите ќе можат да им ги пуштаат на своите деца пред спиење, а истите ќе можат да се користат и од наставниците по македонски за време на литературните, драмските и библиотекарските секции во основните училишта.

„Користењето аудио снимка од книга што се чита има сличен ефект како родител кој директно чита приказни пред спиење. Слушањето приказни што се читаат на глас го вклучува мозокот на детето да обработува информации, ги вклучува сите мозочни мрежи, поттикнува на размислување. Потоа, им помага на децата да го развијат својот вокабулар, да ги подобрат вештините за разбирање и имагинација и да ја подобрат когнитивната способност (внимание,  концентрација и меморија). Ги изложува на различни наративни стилови, тонови и гласови, што може да го збогати нивното разбирање за раскажувањето. Дополнително, со подобрување на нивното ментално здравје несомнено ќе создаде позитивна поврзаност со книгите и читањето, поттикнувајќи ја љубовта кон литературата” – изјави Марија Конеска, психолог, на неодамна одржаната трибина на филолошкиот факултет.

„Како последица на преголемата изложеност на мобилните телефони, децата сè помалку читаат што резултира со многу штетни, долгорочни последици. Наместо да чекаме други да ни го решат овој проблем, време е да преземеме не само одговорност туку и конкретни, решителни чекори во решавање на еден од најголемите проблеми во нашето општеството” изјави Александар Марјановиќ.

„За нас како факултет е од големо значење да бидеме отворени кон сите соработки од кои придобивки ќе имаат нашите студенти, но и пошироката јавност. Една таква соработка е токму и оваа, преку која нашите студенти ќе се здобијат со нови искуства и вештини, но истовремено и ќе дадат значаен допринос кон една подобра иднина, особено преку позитивното влијание врз идните генерации” изјави Бесфорт Идризи, декан на факултетот за Драмски уметности.

Треба да знаете
Последни објави