Search

Аеродромот во Скопје и покрај проблемите кои ги има „Визер“ таргетира рекорден превоз на патници

Скопскиот аеродром предвидува да опслужи над три милиони патници оваа година, и покрај тоа што неговиот најголем авиопревозник, „Визер“, значително ги намали операциите во текот на летото поради проблеми со моторот кои влијаат на значителен број негови авиони, пишува „Ексјуавиејшн“. Она што Македонија најмногу ќе ја погоди е што „Визер“ го намалува капацитетот во Скопје како најголема база на авио-компанијата во регионот за цели 25 отсто. Охридскиот аеродром ќе претрпи уште поголеми загуби каде намалувањето ќе биде дури 48 % од капациетот на „Визер“. Со вакви намалувања македонскиот пазар ја загуби втората позиција за најбрзо растечки пазар во Европа за оваа година. И покрај ваквите проблеми скопскиот аеродром таргетира за годинава рекорден превоз на патници. Македонскиот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, рече: „Очекуваме трендот на раст од минатата година да продолжи и бројките да го надминат оној од 2023 година. Нашите очекувања се скопскиот аеродром само оваа година да опслужи над три милиони патници“. Во 2023 година, Скопскиот аеродром пречека рекордни 2.883.474 патници. Јануари започна силно со забележителен пораст од 50,5 отсто на годишно ниво. Резултатите од февруари се очекува да дадат уште еден силен учинок. Надвор од контролата на аеродромот се тековните проблеми со кои се соочува „Визер“, кој беше принуден да приземји над четириесет авиони во својата флота за да изврши проверки на моторите произведени од Pratt & Whitney. Ова резултираше нискобуџетната авиокомпанија значително да ги намали летните операции низ својата мрежа, при што Скопје, каде минатата година имаше над 60 отсто патници, не беше исклучок. Оваа летна сезона, од 31 март до 26 октомври, на скопскиот аеродром ќе има 2.082.222 седишта на редовни линии. Ова е намалување за 6,5 отсто во однос на летото 2023 година и е директен резултат на тековните проблеми со моторите на „Визер“. И покрај тоа што авиокомпанијата ги намалува фреквенциите на голем број од своите услуги во Скопје, таа ќе продолжи со воспоставувањето на планираната нова линија меѓу македонскиот главен град и Салцбург на 1 април. Аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ преговара за воведување нови линии. „Во преговори сме за нови дестинации. Во наредниот период ќе пуштиме нова услуга кон Рига, а во преговори сме и со други авиокомпании за нови линии, но се уште е рано да се каже кои“, изјави Владимир Граматиков, директорот за маркетинг и развој на ТАВ Македонија и приходи, за „Блумберг Адриа“. Тој додаде: „Работиме на донесување нови тур-оператори и нови чартер летови, но секако и редовни услуги кои ќе не поврзуваат во текот на целата година. Напорно работиме на поврзување на Охрид со Турција. Најчесто поставуваното прашање е зошто немаме летови до Шпанија. За Шпанците ние не сме традиционален пазар и многу е тешко да се убеди авиокомпанија да почне да лета за Македонија од Шпанија“. Граматиков истакна дека конкуренцијата меѓу европските аеродроми за нови авиокомпании и клиенти е голема. Сепак, тој истакна дека целата туристичка индустрија во земјава е вклучена во отворањето на нови рути, вклучувајќи ги тур-операторите, бизнис секторот, а понекогаш дури и локалните власти. Тој додаде дека амбасадите често учествуваат во процесот на убедување на авиокомпаниите во лансирање на нови услуги. Освен новата рута на „Визер“ во Салцбург, летово „ЕрБалтик“ ќе ги отвори сезонските летни операции меѓу Рига и Скопје, додека „Пегасус ерлајнс“ ќе започне со редовни летови од Анталија до македонскиот главен град.

Треба да знаете
Последни објави