Search

Подигнати се документи за собирање 10 илјади потписи од 11 кандидати за претседателските избори во Македонија

Вкупно 11 кандидати се пријавија за претстојните претседателски избори во Македонија. Тие подигнале документи за собирање на 10 илјади потписи. Меѓу кандидатите кои подигнале документи за собирање потписе не се наоѓаат актуелниот претседател Стево Пендаровски и неговата противкандидатка на последните избори во 2019 година Гордана Силјановска Давкова. Се чекаат партиските конвенции на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ на 3 март дали тие ќе се кандидираат со собирање потписи или со поддршка од 30 пратеници. На листата со 11 кандидати за претседател на државата се наоѓаат: Вело Марковски, Билјана Ванковска, Томе Николовски, Бујар Османи, Господин Поповски, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари, Ѓорѓи Манасков, Мерсиха Смаиловиќ и Зорица Цветковска, а доставена е и една пријава за независен пратеник, информира вечерва претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски. Според него, утрово во 8 часот сите места за собирање потписи биле отворени. Вкупно низ земјава има 34 подрачни единици, распоредени во сите поголеми градови, а во некои од подрачните единици има и по неколку вработени. Работното време е од 8 до 20 часот. Досега, како што рече Даштевски во „Топ тема“, до ДИК не се доставени никакви забелешки за несоодветни услови од кандидатите кои собираат потписи, а доколку некој нешто такво пријави, веднаш ќе се излезе во пресрет. Нема пријави, дополни, ниту за предвремено почнување на кампањата, но, сепак апелира политичките партии да ги почитуваат постапките и да се однесуваат во рамки на законот. Во врска со Алијанса за Албанците и пријавувањето на оваа партија за претстојните парламентарни избори, претседателот на ДИК објасни дека ќе се бараат потребните документи и од Судот и од Централниот регистар.

Треба да знаете
Последни објави