Search

Европскиот парламент ја изгласа резолуцијата за изборите во Србија

Европскиот парламент усвои резолуција за изборите во Србија кои се одржаа на 17 декември минатата година. Резолуцијата е усвоена со 461 глас „за“ и 53 „против“. Не гласаа 43 пратеници од 557 кои беа во собраниската сала. Според финалниот нацрт од резолуцијата до кој јавноста имаше пристап, се бара меѓународна истрага и доколку се докаже кражба на изборите, Европската комисија бара да се укинат пристапните фондови на Европската Унија за Србија. Во резолуцијата, Европскиот парламент ја повикува Европската комисија да испрати експертска мисија во Србија која би ја проценила ситуацијата и на тој начин би ги поставила основите за социјален дијалог кој би ја вратил довербата во институциите, по примерот на „извештаите на Прибе“, кои се напишани во Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Се осудува недостигот на одговор од институциите на сериозните сомнежи за вмешаност на власта во изборни манипулации и злоупотреби, „што резултира со неказнивост и обезбедува континуитет на оваа практика“. Се повикуваат институциите да ги истражат и казнат одговорните за какви било криминални дејствија за време на изборите, како и за напади врз студенти. Европратениците во резолуцијата повикуваат и на суспензија на финансирањето на Србија од ЕУ доколку српските власти не се подготвени да ги спроведат клучните изборни препораки или ако наодите од истрагата покажуваат дека српските власти биле директно вмешани во изборна кражба.

Треба да знаете
Последни објави