Search

СДСМ утре ќе го формира Централниот изборен штаб, Ковачевски е уверен во двојна победа

Како што беше најавено претходната недела,во последните денови од 2023 година, ќе биде доста раздвижено во политичките партии, што не е за изненадување имајќи предвид дека за триесеттина денови од денска, треба да се формира преодната влада што треба да ги спроведе изборите следната година. 

СДСМ утре ќе одржи седница на Централниот одбор на која треба да се промовира Централниот изборен штаб, што ќе значи дека владејачката партија и официјално ќе влезе во предизборно дејствување. 

Потврда за тоа утрово даде претседателот на партијата, Димитар Ковачевски во емисија на Слободен печат.

„На седницата на Централниот одбор, што ќе се одржи утре, ќе биде формиран Централниот изборен штаб и ќе биде донесен Роковник и Правилник за кандидирање“ порача Ковачевски додавајќи дека постапката за номинирање на претседателски кандидат започнува од месните организации на партијата.

Ковачевски е убеден дека кандидатот на СДСМ ќе победи на претседателските избори и дека СДСМ ќе ја формира и следната влада. 

„Оптимист сум за изборите, знам дека во ДПМНЕ има анкета на која 80% од граѓаните не можат да препознаат што е политиката на оваа партија во однос на интересот на граѓаните, затоа мора сами да си пишуваат анкети, да им биде полесно, да им тргне денот, рече Ковачевски во интервју за Слободен печат.

Од друга страна, неделава и ВМРО-ДПМНЕ треба да донесе конечна одлука за тоа дали ќе учествува во преодната влада, а не е исклучено и да се разговара за кадровски решенија кои би ги зазеле позициите како министри и дополнителни заменици министри во техничката влада. 

Техничката влада треба да стапи на должност на 28 јануари, првиот круг од претседателските избори се на 24 април, а вториот круг заедно со парламентарните избори ќе се одржи на осми мај 2024 година.

Треба да знаете
Последни објави